Феудалната
Охридска архиепископиjа за да опстане ползувала
одредени натурални и парични даноци, како и
бесплатна работна рака. Бесплатната работна рака
и натуралните давачки главно се практикувале по
повод некои празници, слави и слично, додека пак
паричните давачки биле земани во вид на такси.
Освен тоа, се плаќал и еден постоjан годишен
данок. Така, секоjа христиjанска куќа годишно
плаќала по 12 акчиња. Тоj данок бил земан и од
свештениците само што тоj износ бил во висина од
еден златник.
Според народните преданиjа што се
пренесувале од генерации на генерации во Охрид
имало над 300 цркви, што значи за секоj празник во
годината, по една црква. Но, по доаѓањето на
Османлиите голем броj од нив биле срушени. Според
еден податок во XVII век нивниот броj изнесувал 33
активни цркви, а на почетокот на XIX век се
наброени само три цркви во градот.
Во историjата на Охридската
архиепископиjа се случувало да бидат отцепени
или оттуѓени цели територии. Како наjдрастичен
пример се споменува обидот на смедеревскиот
епископ Павле коj се обидел да ги отцепи српските
епархии од охридската архиепископиjа и да jа
обнови Пеќката патриjаршиjа. Овие обиди траеле
еден подолг период од 1527 до 1541 година. Охридскиот
архиепископ Прохор овие обиди успеал на три пати
да ги осуди на црковните собори, а истото го
сториле и цариградскиот, александрискиот,
ерусалимскиот и антиохискиот архиепископ.
Охридските архиепископи во
времето на владеењето на Османлиите често
патувале низ западноевропските земjи и во Русиjа
со цел да издеjствуваат отстранување на
Османлиите од Балканот. Во тоа време, каj одделни
епископи, постоела тенденциjа да jа прифатат
униjата со римската црква. Кон средината на XVII век
во Охрид била формирана Охридска католичка
надбискупиjа, но таа реално никогаш не заживеала
од причина што католичкото влиjание воопшто не
нашло погодно тло во Охрид.
Во втората половина на XVII век
Цариградската патриjаршиjа имала нескриени
апетити кон Охридската архиепископиjа. Поради
одредени несогласувања меѓу охридските
архиереи, цариградскиот патриjарх за архиепископ
го прогласил митрополитот Мелетиj. Со неговиот
избор внатрешните борби во рамките на Охридската
архиепископиjа продолжуваат се до неjзиното
укинување. Се работи за борба помеѓу фанариотите-
прогрчка ориентациjа и автохтоната партиjа.
Есента 1766 година пет митрополити од Охридско
биле во Цариград и потпишале дека jа признаваат
власта на цариградскиот патриjарх. Соочуваjќи се
со таквата ситуациjа охридскиот архиепископ
Арсениj , jануари, следната 1767 година , дал оставка
од охридскиот престол. Веднаш потоа следи и
султановата одлука со коjа е згасната Охридската
архиепископиjа, а сите неjзини епархии се
приклучени кон Цариградската патриjаршиjа.
Укината е и Охридската епархиjа, една од 14-те,
колку што во тоа време ги имало во редот на
Охридската архиепископиjа и таа влегла во
Преспанската епархиjа. Полниот назив на
епархиjата била Преспанско-лихнидска што значи
дека Охрид повторно е преименуван во Лихнид.